Од вкупно 354.169, колку што е конечниот број на дивоградби во државата утврден според бројот на поднесените барања, досега се легализирани 42.997, од кои имотен лист е издаден за 35.710. Процесот на легализација на дивоизградените објекти, станови и фирми, почна пред две години, а причина за малиот број решени предмети се граѓаните, кои барањата за легализација ги поднеле на време, но се уште не ја доставиле комплетната документација и општините кои ги пробивале роковите за постапките. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вели дека се преземени чекори за забрзување на процесот и тој до крајот на годинава очекува 100.000 легализирани објекти. Кога го почнавме процесот на легализација, немаше прецизни бројки и показатели колку бесправни објекти има во Македонија и колку семејства живеат во такви објекти.
Од вкупно 354.169, колку што е конечниот број на дивоградби во државата утврден според бројот на поднесените барања, досега се легализирани 42.997, од кои имотен лист е издаден за 35.710.
Процесот на легализација на дивоизградените објекти, станови и фирми, почна пред две години, а причина за малиот број решени предмети се граѓаните, кои барањата за легализација ги поднеле на време, но се уште не ја доставиле комплетната документација и општините кои ги пробивале роковите за постапките. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вели дека се преземени чекори за забрзување на процесот и тој до крајот на годинава очекува 100.000 легализирани објекти.
- Кога го почнавме процесот на легализација, немаше прецизни бројки и показатели колку бесправни објекти има во Македонија и колку семејства живеат во такви објекти. Сепак, ние направивме проценки и утврдивме дека станува збор за многу голем број и воопшто не погрешивме, затоа што до крајниот рок за доставување барања во општините пристигнаа повеќе од 350.000 предмети за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти - вели Јанакиески.
Неодамна ресорното министерство во координација со управните инспектори направи контрола на спроведувањето на Законот за постапување на бесправно изградени објекти низ сите општини, која покажа дека од вкупно 354.169 поднесени барања за легализација уважени се вкупно 42.997, одбиени се 497. Во тек е постапката за 67.172 предмети, а за 234.132 предмети е прекината. Во Агенцијата за катастар на недвижности досега се впишани 35.710 објекти, за останатите кои добиле решение се чека катастарот да ја доврши постапката, или граѓаните да ги достават документите.
Причина за големиот број прекинати постапки за легализација во општините е тоа што огромен број граѓани откако поднеле барање, не доставиле геодетски елаборат, кој е единствениот документ за кој се плаќа и треба време да се изработи. Граѓаните и фирмите имаат рок до јуни наредната година да ги достават елаборатите, во спротивно ќе го изгубат правото за легализација.
- Апелирам до сите граѓани кои поднеле барање да ја комплетираат својата документација, односно оние кои не доставиле геодетски елаборати истите да ги достават, со цел побрзо решавање на нивните предмети. Исто така, апелирам до општините ажурно да го имплементираат овој процес и навремено да постапуваат по комплетираните барања, како би можело процесот на утврдување правен статус за бесправните објекти што поскоро да заврши - рече Јанакиески.
Контролите на Државниот управен инспекторат покажуваат дека и општините не до крај совесно си ја извршувале својата задача. Проверена е работата на соодветните служби на сите 84 општини, а како што информира директорот на Инспекторатот, Ромео Деребан, на 78 кои го пролонгирале рокот за постапување им се доставени решенија за отстранување на неправилностите.
- Градоначалниците и службните лица во општините имаат рок од 30 дена, значи до втората половина на март да донесат решенија по комплетните предмети за утврдување на правен статус на објектите. Тогаш ќе направиме втор инспекциски надзор и таму каде што ќе се утврди дека не се постапило според решенијата на инспекторите, ќе се поведе прекршочна постапка - информира Деребан.
За вакви прекршоци се предвидени високи глоби, од 7.500 до 15.000 евра за градоначалникот и од 1.500 до 3.000 евра за службеното лице.
Во општините стојат нерешени вкупно 70.000 предмети. Најголем број има во Струга 4.157, во Куманово 5.404, во Липково 4.449, во Арачиново 2.015, а нерешени предмети нема во општините Аеродром, Битола во Ѓорче Петров.